„Македонскиот фудбал е национална гордост. Милиони срца на секој натпревар биеја во ист ритам за македонската фудбалска репрезентација“, порача премиерот Зоран Заев по завршувањето на мечот против Холандија и со тоа и на настапот на македонската репрезентација на Европското првенство во фудбал.
Премиерот упати благодарност до навивачите, УЕФА и, пред сѐ – до фудбалерите, за радоста што ни ја приредија.
„Благодарност до сите наши навивачи, покажавме што значат гордост и европски манири среде Европа. Европа знае, Европа виде – 🇲🇰 е тука, гласна, силна, на терен и на трибини. Еден тим, една држава, едно општество.
Благодарност и до УЕФА за одличната организација и за професионалниот однос кон нашата репрезентација. Се вложивме сите во спортот, навивавме заедно, се исправивме против омразата. Покажавме заедништво и обединетост.
Од сѐ срце упатувам честитки до сите македонски репрезентативци за радоста и гордоста што ни ја приредија.
Нека пласманот на ова Европско првенство биде само почеток на многуте интернационални успеси“, порача премиерот.