Еден од првите конкретни чекори со кои ќе се зафати новата Влада ќе биде и уривањето на дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“, изјави денеска мандатарот Зоран Заев од Македонска каменица, каде се одбележува 28 август – Денот на рударите.
Тој истакна дека врвни приоритети ќе бидат внатрешните предизвици во земјата, а првите чекори ќе се однесуваат на мерките против коронавирусот, вклучително и економските последици, заедно со стартот на учебната година и отворањето на градинките, но и обновување на, според него, добрите закони кои не поминале во Собранието.
„Една од првите работи е и да падне објектот пред ‘Мавровка’ затоа што е дивоградба“, рече Заев, уверувајќи дека Владата ќе направи сѐ што е можно тоа да се случи. Тој истакна дека се разработени одредени идеи и изрази надеж дека истите ќе бидат утврдени заедно со правните прописи.