„Да се чуе гласот на индивидуата, одлуките да се носат по пат на директно или репрезентативно вклучување на граѓаните, да се почитува туѓото мислење, да се слуша и прифаќа критиката – тоа е демократијата!“, напиша вчера премиерот Зоран Заев на Фејсбук во честитката по повод 15. септември – Меѓународниот ден на демократијата.
„Во името на овие вредности и принципи и во името на борбата на граѓаните на нашата земја за подемократско општество, го честитам Меѓународниот ден на демократијата“, вели Заев.
Демократијата долго страдаше во Северна Македонија, додава тој.
„Слободата, мислата, новинарството и одлучувањето на граѓаните без притисок беа незамисливи. Ама се изборивме, заедно создадовме мнозинство преку кое демократијата ја надвладеа автократијата.
Нека е вечна слободата, преку неа ќе ја унапредиме и демократијата“, порачува премиерот.
За Меѓународен ден на демократијата 15 септември беше избран во 2007 година, од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, со цел да се промовираат и продолжат принципите на демократијата. Притоа Генералното собрание на ООН ги покани сите земји членки и организации соодветно да го одбележуваат денот на начин кој ќе ја зголеми свеста кај јавноста во однос на демократијата.
Во преамбулата на Резолуцијата дека:
„ … и додека демократиите споделуваат заеднички особини, не постои еден единствен модел на демократија и демократијата не припаѓа исклучиво на ниту една земја или регион…“
како и дека: „ … демократијата е универзална вредност базирана на слободно изразување на волјата на народот во одредувањето на нивните сопствени политички, економски, социјални и културни системи, и неговото целосно учество во сите аспекти на животот…“.