Прв приоритет за време на празниците да биде негрупирањето и избегнување на толпите, а при празнувањето да се внимава на мерките за заштита од коронавирусот, бидејќи пандемијата како од шега одзема човечки животи – апелираше денеска премиерот Зоран Заев по повод претстојниот празничен период.
Да се избегнуваат затворените простори, а наместо тоа, времето да се поминува на отворено, во природа, додаде Заев.
„Доаѓаат убави, сончеви денови. Треба да ги исполниме полјаните, но да ги избегнеме затворените објекти. За време на сите претстојни празници да се тргнеме од гужвата, да држиме дистанца“, порача премиерот.
Според него, свеќа за Велигден може да се запали и пред зграда, пред сопствената куќа, во двор. Тој посочи дека очекува и од верските лидери, како што било договорено на состаноците, да апелираат но и активно да ги организираат верските обреди на начин кој ќе придонесе за заштита на здравјето.
Премиерот откри и како тој ќе ги помине празниците. Ќе биде во родната Струмица, заедно со своето семејство. За Велигден, рече Заев, ќе биде дома со најблиските, а останатите денови ќе ги искористи за прошетка по струмичките ридови, струмичкиот парк и во својот двор. Освен тоа, ќе организира и крводарителска акција, откри премиерот.