„Историјата треба да се чува. Секој споменик е важен за да можат луѓето да ја помнат историјата“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов во Дојран, каде заедно со премиерот Зоран Заев беше откриен обновениот споменик на бугарскиот полковник Константин Каварналиев.
Како што посочи Заев, споменикот стоел на местото сè до крајот на 1966 година. Според бугарските медиуми, поставен бил во 1916 година во регионот на Дојран, кој „во тоа време бил дел од Бугарија“. Срушен бил од „југословенските комунисти на диктаротот Тито, во рамки на кампањата за уништување на бугарските споменици во земјата“, тврди агенцијата БГНЕС.
Како што посочи премиерот Заев, обновата на споменикот доаѓа по иницијатива на Борисов, кој ова прашање го отворил при последната нивна средба кон крајот на 2018-та во Софија.
„Почитта за културното и историското наследство на нашите држави е директна обврска од Договорот за пријателство. Тоа е израз на нашето пријателство и блискост. Ги негуваме и унапредуваме нашите билатерални односи. Обновата на споменикот покажува дека не робуваме на стереотипите. Треба да градиме нов Балкан, без конфликти и со просперитет“, порача Заев, додавајќи дека богатата историја на регионот ќе провлече и повеќе туристи.
„Тука, на ова место, стотици Бугари си го дале животот“, рече Борисов. Тој додаде дека се пролевала кpвта и на многу други народи и се воделе војна по војна. „Ние (Бугарите) се боревме со кој ли сè не, и сме најсиромашни. Сега сакаме да се обидеме со работа и дипломатија“. Тој истакна дека веќе долги години се живее во мир и дека Бугарија ја има ретката шанса да ја види Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
„Денес го сведочиме градителниот принцип над разрушувачкиот. Тоа е цивилизацискиот избор. Споменикот нè потсетува за кpвопролевањата за да не ги повторуваме. Бугарија и Македонија во брзо време ќе бидат сојузници во НАТО и треба да се чуваме еден со друг“, порача бугарскиот амбасадор во Скопје – Ангел Ангелов.
КОЈ БИЛ КАРВАНЛИЕВ?
Константин Каварналиев бугарската историја го памети по саможртвата и спасувањето на илјадници цивилни бугари кои бегале од Грците за време на Меѓусојузничката војна (Втора Балканска Војна, 1913 година), кои пак „уништувале сè бугарско на север од Солун“, пишуваат бугарските медиуми.
Каварналиев кај Кукуш цели три дена задржувал 6 грчки дивизии со само два полка, што било доволно да се евакуира „бугарското население на градот“. Во следната битка, кај Дојран, Каварналиевсо само 3.000 војници се спротивставил на 42.000 грчки војници. На 23 јуни, Каварналиев тргнува во смел контранапад кој ќе биде клучен за одбивањето на Грците и зачувување на позициите. Повеќе прочитајте ТУКА.