„Време е за новата нормалност. Нашето општество мора да продолжи да функционира“, порача лидерот на СДСМ – Зоран Заев, откако премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести – Жарко Караџовски, на прес-конференција соопштија дека од утре престанува да важи полицискиот час, бидејќи, како што истакнаа, анализите велат дека коронавирусот е под контрола.
„Мерките се олабавуваат, надлежните институции потврдуваат дека епидемијата е под контрола. Вирусот ќе биде присутен подолго време и мора да научиме да живееме со него“, порачува Заев.
„Граѓаните, секој од нас, сега има уште поголема одговорност. Битката не е завршена. Да бидеме внимателни и да се чуваме бидејќи со тоа ги штитиме нашите најблиски и го чуваме јавното здравје. Задолжително да ги почитуваме сите мерки – на тој начин спасуваме животи“, додаде тој.