Заев и Ангеловска го презентираа прекроениот буџет: Субвенциите за покачување на платите ќе важат за сите

Владата го усвои ребалансот, а премирот Зоран Заев и новата министерка за финансии – Нина Ангеловска, денеска на заедничка прес-конференција го презентираа прекроениот буџет.

Најмногу ќе се крати од капиталните инвестиции, од каде ќе се пренаменат 50 милиони евра, но ќе се крати и од парите за Железницата, кај проекти на Министерството за образовани, за водоснабдителен систем што се финансирал од Европската инвестициска банка, болници во две општини каде што имало забавување итн.

Од друга страна, повеќе пари ќе има за активни мерки за вработување, за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите, субвенциите во земјоделството, за обнова на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за лекови за ретки болести и инсулин, за проектот мој ДДВ и сл.

6.5 милиони евра се издвоени со ребалансот на буџетот за субвенционирање на покачувањето од 6.000 денари на платите во приватниот сектор, предвидени за месец ноември и декември. Мерката е предвидено да трае три години, до октомври 2022 година, и ќе важи за било која компанија, без оглед дали е мала, средна, голема или џиновска, како што рече Заев, и од било која индустрија.

За покачување од 600 до 6.000 денари, појасни премиерот, секој сопственик на фирма ќе плати само персонален данок, додека државата ќе ги плати придонесите за пензиско и за здравствено осигурување, без разлика на основата од која досега давал плата.

Мерката ќе важи за сите 750.000 вработени, од кои 140.000 се во јавната администрација, а 610.000 се во приватниот сектор (со тоа што во јавната администрација државата секако ги плаќа целите придонеси).

За да се избегнат манипулации (намалување на актуелната плата, па нагло зголемување, за да се исполни условот за субвенционирање на придонесите), објаснија Ангеловска и Заев, за основа ќе се зема просек од платите од три месеци, и тоа најверојатно јуни, јули и август.

Според првичните пресметки, како што најави Заев, покачувањето на платата за 6.000 денари на еден работник, работодавачот ќе го чини 6.667 денари, од кои 667 ќе одат за персонален данок на доход. Државата ќе ги покрие 2.529-те денари кои ќе одат за социјални продонеси од делот од покачената плата.

Целта на мерката, како што рекоа Заев и Ангеловска, е преку покачување на платите компаниите да ги задржат работниците, но и воопшто, задржување на работната сила во земјава. Ангеловска, пак, очекува вистинските импликации од мерката да се почувствуваат по нејзиното завршување по три години, односно во меѓувреме да се создаде поволна бизнис клима која ќе овозможи работодавачите да ги исплаќаат (или можеби и зголемуваат) платите со исто темпо, без субвенции.

 

- Реклама -