„Јас сум единствениот претседател на политичка пapтија кој предложи кратење на платите на администрацијата и тоа уште еднаш покажува дека не се водиме од калкулантски позиции, туку од одговорност кон државата“, рече лидерот на СДСМ – Зоран Заев во вчерашното интервју во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“.
Со кратење на платите на администрацијата ќе се обезбедеа дополнителни околу 40 милиони евра кога на буџетот му се потребни околу 1.2 милијарди евра, рече Заев:
„Значи со тоа не се решаваше недостатокот на приходи или на пари за мерките во економијата. Тоа го предложив за да имаме аспект на солидарност“.
Тој истакна дека во земјава со 65% приватната потрошувачка партиципира во бруто домашниот производ (БДП), наспроти јавната потрошувачка со 15%.
„Кога гледаме во тој дел, најголемиот полнач на буџетот се приватниот сектор и вработените во приватниот сектор, а еден мал дел се јавната администрациајата и вработените во јавната администрацијата“, посочи Заев, кој оценува дека администрацијата оставила впечаток на несолидарност, но и дека излегува дека административците, во овој период, заштедиле 15.000 денари на грбот на приватниот сектор, иако, како што рече, „знаеја дека вака или онака, во иднина ќе им се надокнадеше дури и нешто да им се скратеше“:
„Кога најголем дел од компаниите аплицираат за мерките и делат 14.500 ден. плата, не е чесно и не е правично и не е фер и не е солидарно тоа да не е случај и со јавната администрација…
Мојот став е дека администрацијата остави една трага на несолидарност, а знаејќи дека приватниот сектор е оној кој доминантно ги плаќа даноците, горчината веројатно е исправна и на место.
На крајот, еве која е математиката: 25.000 денари зема административец. Традиционално, по сите статистики, 6.000 денари кредити враќаат луѓето. Сите имаме кредити. 100 евра враќаме кредит, значи 6.000 денари, а 19.000 денари ги трошиме. Сега во април месец, 10 илјади денари е потрошувачката од тие 25 илјади, зашто седиме дома, нема кај да истрошиме. Да, трошиме ние, купуваме јадење, плаќаме сметки, но 10 илјади е потрошувачката. Сега 15-те илјади излегуваат како некој да ги ќарил“, рече Заев, додавајќи дека целата поента била тие пари да се трошат:
„Не само што тоа не е солидарно и правично, туку тие пари треба да се потрошат, затоа беше предлогот. Сѐ што постои сега треба да се потроши. Затоа владата отиде во дефицит плус 120 милиони, затоа 85 милиони евра субвенции поделивме, затоа навремено платите и пензиите се исплаќаат, затоа за 14% се зголемени капиталните инвестиции во однос на лани. Пуш (push) правиме сега, зијан е и денар ако стои на сметка на владата. Тој се пушта. Денарот врти, создава нов денар. Помош е. Сега се вбризгуваат парите од секоја сметка. И сега некој заштедил којшто чека приватниот сектор да плати за да земе плата. Тука е таа горчина и несолидарност“, рече Заев.
Тој подвлече и дека предлогот за кратење на платите на администрацијата не бил со намера некој некому да му наштети:
„Никој не сакаше на никој да му наштети, тоа се прво пари заслужени на граѓаните и тоа право им следува од нивниот работен однос. Ама му следи и на тој текстилецот таму, како и на вашиот новинар. И во некои од медиумите има кратење плати. Не е солидарно“, порача експремиерот и претендент за нов, Зоран Заев.