Живееме во свет во кој ништо не може да се случи и да постои ако не е снимено и моментално закачено на социјалните мрежи. И ако не е проклето секси. Текстов го објавуваме сега, зашто во лето може да предизвика многу кавги. 😉
Кога ќе ги исклучиме селфињата, перфектната женска профилна слика подразбира по еден навистина пожртвуван фотограф, кој ќе ги истрпи сите побарувања на моделката, и кој ќе го одвои потребното време и нерви за да ѝ угоди и да ја насмее. Обично тој маж е „романтичната половина“ на жената.
Можеби вие располагате со таков маж, или можеби сте еден од тие, или барем имате таков пријател. Таквите мажи се насекаде, и обично секогаш остануваат во сенка.
Фејсбук страната со наслов „Boyfriends of Instagram“ редовно презентира слики од таквите херои на дело. Таму фокусот не паѓа на секси мадам-ите, иако се присутни во кадарот, туку на безумните жртви кои нивните машки помошници ги прават за да ја штракнат совршената фотка за Инстаграм-от или Фејсбук-от на својата посекси половина.
Судејќи по содржината на страницата, излегува дека во денешно време е речиси невозможно човек да отиде на одмор со саканата, без да се случат барем неколку фотосесии во кои таа е модел и режисер, а тој стрикно исполнува наредби.
Пред неколку години, хит на мрежата стана еден видео-клип објавен на профилот на еден „Инстаграм сопруг“. Во видеото, очајни мажи признаваат дека повеќе се оженети за социјалните мрежи, отколку за нивните сакани жени. Тие раскажуваат како сè што им се случува во друштво на сопругите – од одење по тротоар, па до пиење кафе – е детално документирано со десетици обиди за перфектно компониран кадар.
Очигледно, сакале или не, мажите одамна се поставени во таквата ситуација. Сега веќе немаат друг избор освен да се пошегуваат на сметка на случувањата во своето секојдневие.
На „Boyfriends of Instagram“ гледаме токму такви мажи, поставени во какви ли не ситуации, во обид да ја направат совршената слика на своите сакани жени. Лежат, се валкаат, некои дури и изгледа како да го ризикуваат животот… Но, таму се, и фотографираат.