Резултатите од „Викенд без ДДВ“ се и повеќе од успешни, бидејќи значат повеќе пари назад кај граѓаните, зајакнување на домашниот буџет и истовремено зголемена потрошувачка на македонски производи и услуги, оценува Управата за јавни приходи. Поттикнување на промет кај македонските компании, велат, е поддршка во услови на криза, која влијае и на подобрување на ликвидноста на компаниите.
Според анализата на УЈП, на 10, 11 и 12 октомври, односно во текот на „Викендот без ДДВ“, вкупно 204.088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ. Притоа, остварен е промет од околу 558.2 милиони денари, од кој граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66.85 милиони денари.
Како што истакнуваат од УЈП, потрошувачката на македонски производи во викендот без ДДВ била 2.2 пати зголемена во однос на потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец. Дополнително, скенирани се 3 пати повеќе фискални сметки и остварен е и 9.5 пати поголем промет од македонски прозиводи овој викенд во однос на истиот од минатата година, посочува УЈП.
Премиерот Зоран Заев, пак, одговарајќи на новинарско прашање, призна дека резултатите од мерката не се совпаѓаат со очекувањата и значат дека кај граѓаните ќе се врати помала сума од планираната. Според него, причината е што граѓаните штедат поради кризата и трошат само на она што е неопходно:
„За оваа мерка ќе се вратат некаде околу 1.5 милион евра. Сиромаштија е, се штедат пари, секој сака да купи само тоа што му треба“, рече Заев, сепак потенцирајќи дека во некои ставки прометот бил зголемен и за пет пати.
Во однос на нов викенд без ДДВ, Заев не ја отфрли можноста тоа да се случи за две или три недели „ако граѓаните сакаат“, но посочи дека најверојатно е, наместо тоа, средствата што би биле предвидени за таква мерка всушност да бидат пренасочени за друга намена.