Таурин е природната киселина која се мотка во вашиот Ред Бул и во комбинација со другите хемикалии „ви дава крилја“ и, како што се мисли, го стимулира хипоталамусот. Тауринот плови на поволен пи-ар уште од времето на Lipovitan D – првиот вистински енергетски пијалок, кој се појави во Бангкок уште во 1970-тите. Набрзо се прошири и во лименките на Monster, а и во некои други брендови. Оттогаш, ужива добра репутација како инстантен стимулант, но вистината не е баш таква.
Реалноста е дека не постои цврст доказ дека го подобрува менталниот или физичкиот перформанс. Тауринот не е кофеин – неговите ефекти не се така директни и добро документирани како кај неговиот кафен колега, кој удира директно во централниот нервен систем и ја зауздува сонливоста. Да, тауринот може да го има истиот ефект, но го остварува преку сосема други помалку директни патишта.
Прво збор-два за тауринот. Во научничките кругови е познат како 2-аминоетанесулфонична киселина. Соединение е именувано според латинското taurus – што значи „бик“, бидејќи германските научници го изолираа од жолчка на бик во 1827 година. Теоретичарите на заговори сакаат да мислат дека тауринот е извлечен од тестисите на бикот, а порадикалните сметаат дека е направен од спермата или урината – гласини кои веројатно потекнуваат од непознавањето на анатомијата и тоа дека анатомски, жолчката е сосема далеку од гениталиите на животното.
Создавачите на Ред Бул истакнуваат дека тауринот во нивните пијалоци е комплетно синтетички, но ништо чудно што фановите и понатаму ја прават истата конекција: Какво е тоа хемиско соединение што може да те ојача во текот на следните 24 часа?; Зарем има нешто појако од тестиси од бик? Ама вистинскиот одговор е: да, а тоа е човековото тело, кое и самото природно создава таурин бидејќи е неопходен за многу физиолошки процеси. Има улога во развојот на мозокот, ги модулира контракциите на срцето, ги балансира нивоата на вода и минерали во крвта и го „подмачкува“ централниот нервен систем за да работи „мазно“.
Па така, се смета дека дополнувањето на телото со дополнителен таурин – што го правиме секогаш кога јадеме месо или риба – може да додаде екстра гориво за овие телесни процеси, овозможувајќи целосен енергетски поттик. Но, како што рековме, има малку докази дека всушност го забрзува мозокот.
Пар студии со животни покажуваат дека еден од ефектите на тауринот е да ја редуцира анксиозноста, што може да укажува на ефект врз мозокот, но тоа уште не е демонстрирано кај луѓе. Со други зборови, доказот дека тауринот го подобрува менталниот перформанс и расположението, буквално не постои; една помала студија покажа позитивни резултати, но во тој случај ефектот на тауринот беше испитуван во комбинација со кофеин и глукуронолактон. Така, сомнително е што тауринот има така голема присутност во светот на енергетските пијалоци.
И покрај недостатокот од докази, тешко е да се оди против тауринот. Да, неговиот потенцијал може многу лесно да биде сведен на плацебо ефект, но бидејќи е безбеден за консумација, има малку причини за производителите на енергетски пијалоци да не ја искористат шансата (дека ефектот е од самиот таурин) и да не го користат во миксот.
Во меѓувреме, експертите ја поставуваат горната дозволена граница на таурин на 3.000 милиграми на ден; секоја лименка Ред Бул содржи по 1.000 милиграми, па освен ако не сте некој зависник од овој енергетски пијалок, тауринот – како таков – веројатно нема да ве убие.
ПС. Таурин на англиски се пишува „taurine“. „Urine“ на англиски значи урина. Коинциденција? 🙂