Британската рганизација Fast Food Menu Price (FFMP) спроведе сопствено истражување за тоа што се случува во човековиот организам откако ќе го пополните со 509-калоричен хамбургер. Заклучокот е дека во наредните неколку часа по консумацијата, телото минува низ неколку бурни етапи.
Во првите 20 минути, доаѓа до значително зголемување на нивото на шеќер во крвта, и на сол во организмот. Високото ниво на шеќер и сол е комбинација што е доволна да направи хаос, предизвикувајќи силна зависност и зголемена жед. На долг рок, овие две состојки можат да доведат до гојазност, дијабетес и срцеви заболувања, предупредуваат FFMP.
По 30 минути откако ќе се накркате, се јавуваат симптоми слични на оние на дехидрација. Високата содржина на сол во хамбургерот (дури и до 970 милиграми) ја отежнува работата на бубрегот, кој тешко успева да се справи со прекумерната доза. Срцето почнува да работи со забрзан ритам, што пак го зголемува ризикот од хипертензија и одредени срцеви болести.
Барем сте сити, нели? Не баш. По 40-тина минути, обично се јавува нова епизода на глад. Тогаш е моментот кога телото и мозокот се соочуваат со високото ниво на шеќер и масти, што води кон пораст на инсулинот и уште поголема потреба за храна.
Еден час подоцна, почнува бавното варење во организмот. Нормално, храната се вари за 24 до 72 часа, но заради далеку поголемата количина на маснотии во хамбургерот, во овој случај е потребно многу подолго. Сознанијата на Fast Food Menu Price сугерираат дека овој процес може да потрае и до 3 дена, како што е случајот со хамбургери од типот на „Биг Мек“. За варење на трансмасните киселини, пак, се потребни околу 51 ден.
Истражувањето ја разбесни компанијата „Мекдоналдс“, кои наодите на FFMP ги нарекоа „невистинити“ и „срамни“.