За пет години Кина уапсила 13.000 наводни терористи и речиси 1.600 банди

Кинеските власти се пофалија дека од 2014-та наваму уапсила речиси 13.000 терористи во оддалечената западна покраина Синџијанг, објавено е денес во обемниот полициски извештај во кој властите ги бранат контроверзните државни мерки кои се спроведуваат во името на исламската дерадикализација.

Кина, имено, се соочува со сè посилна меѓународна критика, особено поради објектите кои Обединетите нации ги опишуваат како прифатни центри во кои се држат повеќе од еден милион Ујгури и останати муслимани. Според Пекинг, мерките за неутрализирање на заканата од исламска милитантност се неопходни, па овие центри ги нарекуваат „центри за стручно оспособување“.

„Правните власти усвоија политика која воспоставува вистинска рамнотежа меѓу сочувството и строгоста“, порачуваат властите во извештајот, во кој своите методи понатаму ги правдаат преку бројки; Наводно, од 2014-та наваму, во Синџијанг се уништени 1588 насилни и терористички банди, фатени се 12.995 терористи, запленети се 2052 експлозивни направи, 30.645 луѓе се казнети за „незаконски верски активности“ и запленети се 345.229 копии од „незаконски верски материјали“.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи

Според Пекинг, само мал дел од санкционираните на терористичките организации добиваат строга казна, како на пример лидерите и организаторите на таквите групации. Останатите, на кои влијаел екстремистичкиот начин на размислување, добиваат образование и обука за да им се посочат грешките во нивниот светоглед, се вели во извештајот.

Светскиот конгрес на Ујгурите, од друга страна, целосно ги отфрла наводите во извештајот. Според нив, антитероризмот во Кина е изговор за репресијата што се врши над Ујгурите. Вистинската цел на таканаречената радикализација, според нив, е да се елиминира верата и да се изврши целосна синизација (назив за процесите на јазична и културна асимилација, односно прифаќање на кинескиот јазик, писмо или национален идентитет од страна на не-кинеските етнички заедници и култури).

 

- Реклама -