Министерот за одбрана на Србија – Александар Вулин, изјави дека земјата треба да го промени односот кон Црна Гора и Македонија бидејќи го поддржаа влезот на Косово во Интерпол, пренесува државната српска новинска агенција – Tanjug.
„Го повикувам претседателот Вучиќ да го промени односот кон Црна Гора и Северна Македонија и да им покаже дека пријателството со Србија мора да се заслужи“, се цитира во соопштението.
Вулин наведува дека Црна Гора и „Северна Македонија“ на собранието на Интерпол го поддржале влезот на „косовските нарко-картели“ во полициската организација.
„Застанаа на страната на Косово, свесни дека со тоа ја навредуваат Србија… Ако немаа храброст да гласаат против, можеа да се воздржат и да покажат дека им е важно и што Србија мисли и чувствува“, коментира Вулин.
„Црна Гора и Северна Македонија не гласаа за Косово, тие гласаа против Србија. Нивните гласови не ја променија одлуката на Собранието на Интерпол, но треба да се промени односот на Србија кон нив. Претседателот Вучиќ во владите на Црна Гора и Северна Македонија нема искрени соговорници, а Србија нема пријатели“, порачува српскиот министер за одбрана.