Според листата на најбогати спортисти, направена од Sunday Times, седумкратниот шампион во Формула 1 е вториот најбогат спортист на планетава. Пред него е единствено Тајгер Вудс.
Михаел Шумахер има богатство од 823 милиони долари. Тајгер Вудс е единствениот спортист, чии приходи се поголеми од оние на возачот во Формула 1 и достигнале 869 милиони долари. Според оваа листа двајцата спортисти поединечно оствариле приходи повеќе пати поголеми во однос на останатите колеги, вклучувајќи ги и: Мајкл Џордан (516 милиони), Роџер Федерер (316 милиони) и Дејвид Бекам (258 милиони).
Другите двајца најбогати пилоти во Формула 1 се Фернандо Алонсо и Кими Раиконен, кои имаат далеку поскромни банкарски сметки од околу 160 милиони долари. Пилотите на Мекларен, Луис Хамилтон и Џенсон Батон се најдоа на листата со приходи од 89, односно 85 милиони долари.
Овие приходи не се ништо во споредба со финансиската состојба на Берни Еклстоун – 4 милијарди долари. Сепак 81-годишниот извршен директор во Формула 1 не спаѓа во списокот на најбогатите луѓе во светот. Таа листа е предводена од мегаспонзорот на Заубер – Карлос Слим, чии приходи изнесуваат 71 милијарда долари.
Објавено во соработка со Авто Плус.