Вучиќ од Александропули: Србија гасно да се поврзе и со Северна Македонија со финансирање на ЕУ

Претседателот на Србија – Александар Вучиќ, денеска во Александруполи во Грција на церемонијата по повод почетокот на работите за изградба на терминал за течен природен гас, изјави дека изградбата на ЛНГ терминалот е голем и важен настан за целиот Балкан и дека Србија треба гасно да се поврзе со Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ изјави дека бил меѓу ретките кои како и секогаш биле скептични за проектот, но дека сега кога гледа дека сѐ е подготвено, е презадоволен од тоа.

„Ние сме многу благодарни и подготвени да преземеме големи количини гас во иднина“, изјави Вучиќ.

Тој посочи дека Србија треба да изгради системи за поврзување со Бугарија, бидејќи така ќе може да прифаќа и прима големи количини гас и дека „ќе треба да се направи нешто за да се поврзе Северна Македонија и дека таму мора да се направат многу работи“.

Прочитајте и:  Подољак: Украина ќе престане да испорачува руска нафта и гас во Европа

Вучиќ истакна и дека ѝ е благодарен на ЕУ, бидејќи, како што рече, кога станува збор за потребата да се изгради српскиот дел, најголемиот дел од проектот е финансиран од ЕУ. Додаде дека и проектот за поврзување со Северна Македонија ќе го финансира ЕУ.

„Морам да кажам дека верувам дека можеме да направиме многу работи заедно. Сепак, гледам многу пречки на тој пат, а тоа не е само енергетско прашање, туку и храната, водата и многу други тешки предизвици кои ќе треба да ги решиме во иднина“, појасни Вучиќ и изрази надеж дека ќе се најдат добри решенија и за европскиот и за српскиот народ.

„Секогаш е лесно да се направи церемонија, но животите на нашите граѓани се клучни, важно е да го подобриме животниот стандард на нашите граѓани и да ги надминеме сите предизвици со помош на ЕУ“, изјави срспкиот претседател.

- Реклама -