Вучиќ: Добри вести од Брисел, голем успех за Србија

Белград, 14 декмври 2021 (МИА) – Одлична и добра вест утрово од Брисел, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, откако Србија отвори еден кластер во преговорите со Европската унија, кој вклучува четири поглавја, кои се однесуваат на транспортната политика, трансевропската мрежа, животната средина и енергетиката, јави дописникот на МИА од Белград.

„Значаен, голем успех за нашата земја“, порача Вучиќ во видеото објавено на Инстаграм профилот на „Будуќностсрбија“.

„Голема благодарност до Урсула фон дер Лајен, но и до сите земји членки, честитки за граѓаните, бидејќи тие се најзаслужни за реформите што ги спроведовме во претходниот период“, кажа Вучиќ.

Од Владата тој „побара и моли да продолжи и да ги забрза реформите во делот на владеењето на правото, но и во сите други сфери“.

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска во Брисел изјави дека со отворањето на Кластерот 4, Србија отворила 22 од 35 поглавја од преговорите со Европската унија, што е голем и важен чекор за официјален Белград, додека еврокомесарот за проширување – Оливер Вархеји, додаде дека ЕУ праќа силна и јасна порака дека Унијата „одговара“ на напредокот.

На прес-конференцијата по Меѓувладината конференција меѓу Србија и ЕУ, Брнабиќ посочи дека фокусот останува на реформите во областа на владеењето на правото, реформите во областа на заштитата на животната средина и енергетската транзиција, но и регионалната стабилност, дијалогот со Приштина и економијата.

Прочитајте и:  Вучиќ: Се надевам на воспоставување брза пруга меѓу четирите земји Унгарија, Србија, Македонија и Грција

Според неа, доколку Србија би можела да избере кој кластер да го отвори, тоа би било овој поврзан со прашањата од Зелената агенда, бидејќи е од посебно значење за граѓаните на Србија.

„Имаме капацитет во Србија сериозно и систематски да се занимаваме со оваа тема“, кажа Брнабиќ, истакнувајќи дека Србија ги исполнила критериумите за отворање на Кластерот 4, кој се состои од четири поглавја.

„Знаеме дека тоа е долг, напорен и исклучително скап процес“, додаде таа.

Таа потсети дека Србија била подготвена за отворањето и на Кластерот 3, а следно на нејзината агенда е подготовката за Кластер 5.

Србија денеска на Меѓувладината конференција во Брисел го отвори Кластерот четири во пристапните преговори со Европската унија.

Кластерот четири – Зелена агенда и одржливо поврзување, вклучува четири поглавја – 14 Транспортна политика, 15 енергетика, 21 Трансевропски мрежи и 27 Животна средина и климатски промени.

- Реклама -