Второ издание на Мултимедијалниот алтернативен фестивал „Гига Фест“

На 24 јули во Центарот за култура во Крива Паланка, со почеток во 21:00 со претствата „Кенди“, започнува второто издание на Мултимедијалниот алтернативен фестивал „Гига Фест“. Овој фестивал е посветен на Глигор Цветковски (21.02.1980 – 12.10.2021)

„Кенди“ е дуодрама работена според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и е во продукција на „Златен Елец“. Адаптација и режија е на Тамара Стојаноска. Играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски.

На 25 јули со почеток во 20:00 часот ќе се одржи проекција на „ЛУКА“, документарен филм на Здружението за култура „Транзен“, финансиски поддржан од Општина Струмица, во режија на Ице Виранов, а според сценарио на Бинева Џејд. Кинематографер е Столе Ангелов, камера Иво Јанков, авторската музика е на Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.

Во 21:00 часот ќе започне музички перформанс на Ставро и Џејд на платото пред Градскиот музеј. 

На 31 јули со почеток во 20 часот ќе се прикаже „The Hip-Brainstorm“, во режија и продукција на Јане Алтипармаков, со оригинална идеја на Љубиша Петрушевски, камера на Наташа Гелева и Ања Илиева, монтажа на Михаил Димитров на платото пред Градскиот музеј.

- Реклама -