Второ издание на изложбата НарАртива во Гевгелија во духот на 150-годишнината од импресионизмот

Сатиричната критика на Луј Лерој насловена „Изложба на импресионистите“, а која, безмалку парадоксално и успеала да го етаблира називот на оваа група уметници кои биле под влијание на Клод Моне и неговата „Импресија, изгрејсонце“ (1872), обидувајќи се да исмее недостатоци од гледната точка на Лерој (непотполност, недостаток на финеси итн.), всушност, како да успеала да ја закотви импресионистичката естетика токму во „филозофијата на доловување“ преку субјективното „скицирање“, доловување на минливоста на човековите чувства и во една поопшта смисла, на човечките искуства, што е секако случај и со импресионизмот во литературата, чии траги може да се видат во делата на автори како Вирџинија Вулф, Џозеф Конрад и Хенри Џејмс, кои, создавајќи фрагментирани наративи, ја нагласуваат супериорноста на човечкото искуство во однос на објективните описи.

Оваа интеракција помеѓу надворешните настани и внатрешното искуство уште пред појавата на импресионизмот во визуелните уметности била земена предвид и од симболистите, предводени од Бодлер и Маларме, кои користеле особено живописни слики и атмосфера за да изразат подлабоки, неретко и збунувачки или повеќесмислени значења.

Прочитајте и:  Изложба на фотографии од личната колекција на царското семејство Романови

Импресионизмот, како во сликарството, така и во литературата, подразбира отстапување од стандардите на реализмот, централизирајќи се околу минливото, субјективното и сетилното, а импресионистичките и симболистичките дела му овозможуваат на реципиентот да ја истражува сложеноста на видливото, замаглувајќи ја границата помеѓу објективното и субјективното.

На изложбата ќе бидат застапени дела од ликовните уметници: Вангел Срнаков, Владимир Илиевски, Никола Пијанманов, Гоце Илиевски, Љупка Галазка – Василев, Тони Попов, Габриела Стахурска Гошева, Горан Јованов, Миле Ничевски, Иван Кал’чев, Мирјана Крстева Массетти и Дамјан Ѓуров.

Изложбата со настап во духот на книжевниот импресионизам ќе ја отвори Стефчо Стефанов.

Каталогот со изложените дела е достапен тука.

- Реклама -