Вонредна состојба е прогласена во далечниот регион Новаја Земја во Русија откако повеќе од 50 поларни мечки ги „нападнале“ домовите и канцелариите на тамошните жители. Дел од мечките, приморани кон копното поради намалување на површината на мразот поради климатските промени, дури нападнале и луѓе на некои од островите во архипелагот Новаја Земја, велат официјалните лица.
Ловот на поларни мечки е забранет во Русија, но властите предупредуваат дека можеби ќе мораат да ги убијат ако сигналите и другите средства за да ги избркаат не успеат.
Резултатите од минатогодишната студија објавена во „Science“ покажуваат дека поларните мечки се прегладнети поради топењето на арктичкиот мраз како последица на климатските промени. Затоа сè почесто се упатуваат кон копното во потрага по храна. Тие се и официјално класирани како „загрозен“ вид, а нивниот број постојано опаѓа.
Од декември наваму, токму поради „инвазијата“ на белите мечки, руската војска редовно патролира по улиците на Белушја Губа (најголемата населба на островите во Новаја Земја), но животните постепено го изгубиле стравот од сигналите користени за нивно растерување. Сега властите се соочуваат со потреба од подрастични мерки.
Новаја Земја се наоѓа во Арктичкиот океан на северот на Русија, и има популација од нешто над 2.000 жители. Во Белушја Губа, каде живеат околу 560 луѓе, во само два месеца биле пријавени 52 бели мечки. Дел од нив провалиле во куќи и други објекти, а дел нападнале и луѓе, соопшти Александар Минаев – заменик шефот на регионот Новаја Земја.
„Луѓето се исплашени, страв им е да ги напуштат домовите. Нивните секојдневни рутини се нарушени, а родителите не сакаат да ги пуштат децата да одат во градинка или училиште“, вели тој. „На Новаја Земја сум од 1983-те. Никогаш немало ваква инвазија на поларни мечки“.
Во 2016-та петмина руски научници беа „под опсада“ на поларни мечки во период од неколку недели во оддалечената метеоролошка станица на островот Тројној, источно од Новаја Земја.