Војтек – мечката што служеше војска и сакаше пиво и цигари

wojtek-the-bear[1]

Мечката Војтек беше официјален регрут на полската армија за време на Втората светска војна. Сериозно, Војтек беше мечка, ама од средината на 1942-та и официјално го имаше на платен список (макар што никогаш не доби чек), имаше свој сериски број и свој шатор, како и сите други војници од 22-рата Артилериска добавувачка бригада. Следните три години лојално ѝ служеше на армијата, па дури и учествуваше во опасна битка. До времето кога војната заврши, Војтек веќе беше унапреден во каплар.

А во 1942 година, Војтек беше само мало мече, за кое се грижеше едно иранско момче. Двајцата се имаа сретнато кога Војтек беше оставен сам на себе и беспомошен, откако ловџии му ја убија мајката. Кога полските војници беа на поминување, уште едно мало дете го засака мечокот – едно девојче-бегалче кое патуваше со војниците. Полковникот Анатол Тарновјецки лично го откупи Војтек за атер на девојчето, кое се грижеше за него во следните 3 месеци, пред Војтек да биде дониран на армијата.

Штом мечокот стана дел од армијата, го доби и името, што во превод значи „радосен воин“. Војниците се грижеа за него, го хранеа со овошје, со мед и со конзервирано млеко (од шише од Водка). Очигледно, Војтек беше среќна мечка, ама уште посреќна беше кога пиеше пиво. Сите сведоштва се согласуваат дека пивото му беше омилен пијалок, а војниците му го даваа како награда. Да, Војтек ептен не беше по здравиот живот – освен што се моткаше по војни (што ич не е здраво), сакаше и да пуши и да јаде цигари. Како војник, сепак, беше мошне добар – дури и ги отпоздравуваше соборците. Неговиот најголем момент во војничката кариера бил оној кога кај битката на Монте Касино им помогнал на војниците да пренесат муниција – акт што подоцна ќе го смести на идниот амблем на единицата.

По војната, Војтек го продолжува патувањето со својата воена единица сé до Шкотска. Таму, во Единбург, е згрижен од Зоолошката градина, каде ќе остане до крајот на својот живот. Тој, крајот, се случил во 1963-тата (на возраст од 21 година), но оттогаш, 2-метарскиот бивш каплар е славен како најпознатото воено животно во историјата, а има и прилично многу (како за мечка) статуи и музејски експонати во негова чест, и во Европа, и во Северна Америка.

Еве и еден мини-документарец:

- Реклама -