Војната во Украина ја промени светската трговија со сурогат мајчинство


Украина порано беше омилена дестинација во Европа за комерцијално сурогат-мајчинство, но по инвазијата од страна на Русија, бројот на раѓања е намален за околу 90 проценти. Наместо тоа, идните родители одат во Грузија, каде што рекламирањето за услугата е во пораст.

Но, постои загриженост за притисокот врз жените, од кои многумина сега се регрутираат од странство.

-Не би го правела ова да не беа парите – истакнала Алина.

Оваа триесет и седумгодишна жена, чие име е сменето, аплицирала во агенција за сурогат-мајчинство во Грузија за да носи дете на друг пар. Таа ќе добива 500 долари месечно додека е бремена, а 15.000 долари откако ќе се породи.

– Сакам да им помогнам на семејствата кои не можат да имаат свое бебе. Гледам многу семејства кои се во криза бидејќи не можат да имаат деца. Но, пред сѐ, ми требаат пари, моето семејство мора да го добие најдоброто. Морам да бидам силна за себе и за моите деца – рекла таа.

На глобално ниво, сурогат-мајчинството е индустрија од повеќе милијарди долари. Алина била регрутирана од грузиска агенција од нејзиниот роден Казахстан, каде што живее како самохрана мајка со две деца. За време на процесот на сурогат-мајчинство таа ќе заработува три пати повеќе отколку што би заработила со редовна работа во продавница за облека.

Грузија ја надмина Украина како европски центар за сурогат-мајчинство, но со 10 пати помала популација, агенциите регрутираат сѐ повеќе жени како Алина од цела Централна Азија. Сумите што можат да им го променат животот предизвикуваат загриженост за притисокот врз жените, дури и во самата индустрија.
– Нема никаква предност да се биде сурогат-мајка, нашите жени се чувствуваат принудени. Ниту една од нив не го прави тоа затоа што е љубезна. Тоа го прават од финансиска потреба, сите тие имаат деца, па го прават тоа за иднината на нивните деца – изјави Дамира Бекбергенова, директорка на агенцијата за сурогат-мајчинство наречена „Болашак“.

Нејзината агенција користи реклами на „Тик-ток“ и „Инстаграм“ за да таргетира жени на возраст меѓу 20 и 34 години кои веќе имаат свои деца. Зголемената побарувачка за сурогат-мајки значи дека таа мора постојано да се движи меѓу трите канцеларии во Казахстан, а понекогаш дури и во Кина за да запознава жени. Таа вели дека трошоците за живот во Казахстан се во пораст, па некои жени аплицираат за второ или трето сурогат-мајчинство за да ги отплатат долговите.

Како поранешен професор по право, Дамира тврди дека е поборник за што е можно поголема правна заштита за сите вклучени во процесот. Таа тврди дека ја контактирале многу жени кои, во најлош случај, не биле платени или биле измамени да учествуваат во трговија со деца, во земји каде што сурогат-мајчинството е забрането.

Извор: BBC

- Реклама -