Не е точно дека се појавиле различни бројки во записниците во општинските изборни одбори и на сајтот на Државната изборна комисија, рече претседателот на ДИК – Оливер Дерковски, во изјава за „ТВ24“.
Таквите информации Дерковски ги нарече „шпекулации пласирани на медиуми за кои не би сакал да коментира“.
„На сајтот, пред да биде хакиран, ги имавте бројките коишто веројатно после еден час (* на јавната седница на ДИК во 18.15 часот) ќе бидат потврдени со многу мали измени, многу мали разлики. Што значи дека не се точни тие шпекулации и јас би ги повикал медиумите да водат сметка за тоа што го објавуваат и да не шират лажни вести од таков тип“, рече Дерковски.
Тој истакна дека во текот на денешниот ден, како и секогаш досега во изборниот процес, во текот на ноќта и цел ден, ДИК го добивала изборниот материјал од општинските изборни комисии, го прегледувала тој материјал во стандардна процедура и тој е материјалот врз кој се утврдува резултатот на изборите, „сега, порано и секогаш“, рече Дерковски и повика да не се шпекулира со начинот на кој се постапува во комисијата.
Во однос на седницата и прес-конференцијата на ДИК на која ќе бидат соопштени резултатите, Дерковски рече дека нема доцнење, односно дека лани на претседателските избори била закажана за 16 часот, а сега е закажана два часа подоцна само поради тоа што гласањето траеше два часа подолго – до 21 часот.
„Веројатно се од други побуди шпекулациите во јавноста. Единствено е факт и не е шпекулација тоа што бевме предмет на хакерски напад од надвор“, рече Дерковски.
Пресот, во живо, можете да го гледате на официјалниот Јутјуб канал на Државната изборна комисија (ТУКА).