По кулинарските и ТВ шоуата за здравје, по порталите, по списанијата, често ќе прочитате дека е „забрането“ да се пие вода и да се јаде во исто време. Некои експерти објаснуваат дека водата ја разредува стомачната киселина. Други мислат дека таквата пракса нé прави дебели. А некои дури сметаат и дека водата ја истиснува несварената храна надвор од стомакот. Може ли обичната вода да е толку штетна?
Што се случува со храната и водата во стомакот
Процесот на варење почнува баш кога почнуваме да размислуваме на нашиот претстоен оброк: плунката се произведува во устата. Кога џвакаме храна, ја мешаме со плунката која ги содржи потребните ензими за дигестија на храната. Потоа омекнатата храна оди во нашите стомаци каде што се меша со стомачната киселина. Во просек, на стомакот му требаат 4 часа да ја дигестира храната пред таа да се претвори во течност, наречена „chyme“. Во таква состојба храната оди во цревата, каде што му ги предава сите нутриенти на телото.
Водата не останува долго во стомакот. Нему му се потребни околу 10 минути да премести околу 300 милилитри вода. Значи, ако пиете додека јадете, водата не формира „езера“ во стомакот. Поминува низ изџваканата храна многу брзо, ја навлажнува, и брзо го напушта стомакот.
Течностите не ја намалуваат киселоста
Нашето тело е комплициран, ама добро „наштелуван“ систем. Ако стомакот „почувствува“ дека има материјал за варење, почнува да продуцира повеќе ензими и ја зголемува киселоста на течноста во него. Дури и да испиете литар и пол вода, тоа нема да влијае на нивото на киселост.
Патем, дури и кога не пиете вода, таа влегува во стомакот преку храната. На пример, просечен портокал се состои од 86% вода. Од друга страна, постојат некои храни што ја намалуваат киселоста во нашиот стомак, но таа многу брзо се враќа во нормалата.
Течностите не влијаат на брзината на варењето
Нема да најдете студии што ја потврдуваат заблудата дека течноста ја истиснува цврстата храна во цревата пред да е целосно сварена. Според научниците, иако таа го напушта телото побрзо од цврстата храна, не влијае на брзината на дигестија.
И? Во ред ли е да пиеме додека јадеме?
Ако пиете вода додека јадете, нема да направите никаква штета. Напротив, водата помага да ја омекнете цврстата храна. Поважно е да не пиете вода пред да ја проголтате храната – бидејќи во храната треба да има доволно плунка со неопходните ензими.
Притоа, има и други одредени придобивки од пиењето вода додека јадете. Истражувањата покажуваат дека кога при јадењето се прави кратка пауза за да се напиете малку вода, тоа го забавува процесот на јадење. Како резултат, луѓето јадат помалку, што е добро.
Ако сте навикнати со јадењето да пиете чај наместо вода, и во тоа нема ништо погрешно. Истражувањата покажуваат дека нема разлика во нивото на киселост по пиење на чај, исто како и кај водата.
Температурата на водата/течноста што ја пиете исто така не влијае на брзината на дигестија или количината на нутриенти што ја добивате од храната. Стомакот може да ја загрее или олади храната до потребната температура за кратко време. Се разбира, најдобро е да не претерувате со екстремности.