Во одбрана на змиите што бркаа игуана во клипот на Planet Earth II

Како сé не ја нарекоа сцената по медиумските наслови: „кошмар“, „хорор“, „ужас“, и секакви слични описи, од кои е јасно дека симпатиите одат кај преплашениот гуштер кој ќе се најде среде јато од гладни и агресивни змии, навидум решени да работат тимски и да ја уловат кутрата мала игуана.

Како заговорници на подеднакво фер однос кон бабите и жабите, јаболките и портокалите, сwaтките мачиња и свињите, кучињата и децата итн., се чувствуваме должни да го споделиме овој став во одбрана на змиите во видеото, напишан од Рис Џонс (предавач по биологија на универзитетот во Кардиф и експерт за рептили) за The Conversation.

Сцената е снимена на островот Фернандиња на Галапагос, каде што живее брзата полуотровна змија наречена Галапагоски тркач (Galápagos Racer, или на лат. Philodryas biserialis). Телото ѝ е тенко и обично расте до должина од 120 сантиметри.

Како и да е, материјалот е снимен во период од годината кој претставува најдобра можна прилика за хранење за змиите, а тоа е периодот кога се раѓаат младите игуани.

А видот на змиите еволуирал за брзо да детектира движење – и штом еднаш забележат мета, судејќи по нивните реакции, змиите изгледаат крајно агресивни и непоколебливи во ловот.

Лесно е да се претстави змијата како демон, а за тоа во добра мерка се имаат погрижено и медиумите, кои со години наназад го потхрануваат таквото мислење. И вестите и извештаите за змиите често се погрешно презентирани или намерно сензационализирани. Змиите обично се претставени како лигави, студени и ладнокрвни јажиња-убијци со заби и отров, кои сакаат да убијат сé што се движи. А тоа не помага да се избегне масовната офидиофобија – ирационалниот страв од змии.

И така, како по обичај, змијата-тркач и во случајов си го доби подебелиот крај од стапот, барем кога е во прашање симпатијата и наклонетоста на 99.9, ако не и 100% од тие што го изгледаа видеото.

Но всушност, во оваа сцена на Planet Earth II не се работи за некаков заеднички лов на беспомошната игуана. Реалноста е дека секоја од тие змии делува индивидуално, единствено врз основа на инстинкт.

zmii

Гледајте вака: тоа време од годината – кога се испилуваат малите игуани, за змиите е еквивалент на „Блек Фрајдеј“ кај Американците, или отварањето на Керфур во Сити Мол за Македонците. Зборот ни е, во борбата е секоја змија сама за себе, бидејќи тие што тогаш ќе пропуштат да јадат, ќе си останат гладни.

Дека змиите не ловат тимски зборува и тоа што такво нешто би немало никаква логика. За разлика од цицачите, змиите не ја џвакаат нивната храна и немаат екстремитети со кои можат да ја поделат храната на парчиња за да поделат и со нивните „созмијци“. Наместо тоа, еволуцијата ги направила такви да го конзумираат нивниот плен цел, дигестирајќи го заедно со се коските и сите други делови од телото.

Но да одиме понатаму. Иако вака колективно змиите изгледаат престрашно, вреди да се размисли околу следново: штом змијата еднаш ќе се најаде, ја губи желбата повторно да лови. Можеме ли ние да се пофалиме со истото? Ручекот од прееска и благото од сега ми велат – не.

Како припадници на ектотермичките (ладнокрвните) животни, на рептилите им е потребна само една десетина од храната што би му била потребна на животно цицач со слична големина за да преживее. Штом пленот е изеден, змијата може да не јаде и по неколку недели.

Можеби змиите ни се страни заради нивните чудни навики на исхрана, поради изгледот, или поради нивното движење. На крајот на краиштата, нештата што не ги разбираме често знаат да нé плашат. Некои научници теоретизираат и дека силниот страв и одбивноста од змиите ги имаме уште од времето кога „сме биле“ мајмуни, а тие биле нашиот природен предатор. Тоа би објаснило и зошто отсекогаш низ историјата на змиите сме гледале како на симбол на зло и опасност.

lead_960[1]

На крајот, не е ни чудно што спасоносниот скок на малата игуана на крајот од видеото го дочекуваме со доза на восхит и олеснување. Ама тешко дека некој се загрижи за купот изгладнети змии што останаа на плажата. Се надеваме дека го поправивме тоа.

- Реклама -