Во Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска беше пуштено во употреба реновираното „петто“ крило. Како што информираше в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, реновирањето на одделението што е од затворен тип ќе овозможи дополнителен капацитет за 100 затвореници.
-Во договор со директорот Зоран Јовановски за неполн месец се пристапи и е сосема реновирано. Ставени се старо нови кревети, меѓутоа, има нови душеци. Она што е најважно, сега имаме дополнителен капацитет за 100 затвореници, а со тоа ќе ја постигнеме главната поента на критичниот дел од т.н. амбуланта, каде што е преполнето, ќе бидат префрлени во петто крило, и дополнително, приемното одделение, каде што е претесно, ќе бидат, исто така, префрлени во петтото крило, рече Пандов.
Зградата во која е сместено петтото одделение, додаде тој, потекнува од 1946 година, но во 2019 со наредба од Комитетот против тортура (ЦПТ) било затворено поради нечовечки услови.
-Тоа било направено затоа што во претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ има започнато огромен проект за реизградба и во првата фаза се изградени отворено и полуотворено одделение кои се пуштени во употреба 2019 година. Во втората фаза до 2023 година сме требале да имаме изградено сосема нова зграда од затворен тип. За жал, претходната власт нема направено ништо и во тој дел е затворено петтото крило, дополни директорот на УИС.
Реновирањето, како што информираше директорот на затворот, Јовановски, било финансирано од донации.