ВМРО на Каракачанов реагира до бугарските медиуми да престанат да ги преведуваат изјавите од македонски на бугарски јазик

ВМРО-БНД на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана – Красимир Каракачанов, во писмо испратено до Советот за електронски медиуми, бара бугарските медиуми да престанат со праксата да го преведуваат македонскиот јазик на бугарски кога пренесуваат изјави и интервјуа на „луѓе од Северна Македонија“.

„Бугарската наука недвосмислено го дефинира таканаречениот ‘македонски’ јазик како регионална форма на бугарскиот јазик. Тоа е позиција и на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науки (БАН). Освен тоа, официјалната политичка позиција на Бугарија во текот на целото независно постоење на Северна Македонија, потврдена и од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година,  е непризнавање на таканаречениот ‘македонски’ јазик“, се вели во писмото.

Од партијата потенцираат дека нивното барање не е обид за политички притисок и обид за мешање во уредувачката политика на медиумите, туку принципиелна позиција, пренесува „24 часа“.

Ден претходно, пак, поранешниот шеф на бугарското разузнавање оцени дека било дипломатска грешка на Бугарија што воопшто се споменува терминот „македонски јазик“.

Инаку, ова не е прво вакво барање до бугарските медиуми. Како за пример, лани во април пратеникот Красимир Богданов од коалицијата „Обединети патриоти“ предводена од ВМРО-БНД, предложи казни за бугарските медиуми кои ги титлуваат на бугарски вестите од Македонија.

- Реклама -