ВМРО-ДПМНЕ: Власта го исуши Охридското Езеро

Власта на СДСМ предводена од Зоран Заев сè што фати во државата исуши, па така и нивото на водата во Охридското Езеро кое за овој период е во алармантна состојба, обвини денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Кирил Пецаков, од Охрид.

„Дали Охридското Езеро за СДСМ е вештачка акумулација, па да можат со ЕЛЕМ безмилосно да го празнат за производство на електрична енергија?

Дали недостатокот на јаглен придонесува за ваквото поигрување со Охридското Езеро како да е вештачка акумулација?“, праша Пецаков и побара градоначалникот на Охрид – Константин Георгиески, да одговори што се случува со ниското ниво на водата во езерото.

Пецаков ја обвини и пратеничката Жаклина Лазаревска дека сега молчи за несовесното и неодговорно однесување кон Охридското Езеро.

„Власта наместо како природен ресурс езерото го третира како акумулација за производство на електрична енергија. Лицемерно за личен профит го опустошија езерото, но затоа ја поскапеа струјата. Самото ниво на водата во Охридското Езеро е алармантно и е директна закана за растителниот и животинскиот свет во езерото.

Кој ќе понесе одговорност за негативните последици на растителниот и животинскиот свет?

За СДСМ ниту Охрид преку дивоградбите, ниту Охридското Езеро со нискиот водостој како да не се заштитени од УНЕСКО, но ги потсетуваме дека сите вакви негативни последици по градот и езерото се противзаконски дела.

СДСМ претходно беа најгласни, а сега за нивото на езерото молчат. Сега се власт и како што тврдеа претходно треба да реагираат веднаш, во спротивно ќе ја докажат нивната неспособност“, рече Пецаков.

 

- Реклама -