ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски да одговори, без лаги и спинови, кој од двата предлози го прифаќаат

„Очигледно СДС многу повеќе се занимава со производство на лажни вести поврзани со уставните измени, отколку што се занимава со решавање на економските проблеми во државата. За Ковачевски приоритет е да ја убедува јавноста во лажната вест дека ВМРО-ДПМНЕ наводно прифаќа уставни измени под бугарски диктат, од тоа да се одглават евроинтегративните процеси и заштити националното достоинство на народот и државата. За СДС поважни се лагите од среќата и напредокот на народот“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа што СДС е принудена да лаже за уставните измени, да шири паника и очај е најдоброто признание дека СДС нема никаков поинаков план освен да турка уставни измени под бугарски диктат што значат капитулација на државата“, истакна потпретседателката на партијата – Гордана Димитриеска Кочоска.

Според неа, предлозите на ВМРО-ДПМНЕ опфаќаат начини како да се дојде до забрзана европска интеграција, ДУИ да оди во опозициjа по дводецениски грабеж и да се зачува достоинството на државата.

„ВМРО-ДПМНЕ предлага одложено дејство на уставните измени кои ќе бидат ефективни после завршување на преговорите со ЕУ и влез на Македонија во Европската Унија. На тој начин притисокот е кај другата страна, и ова ќе биде гаранција дека нема Бугарија да ја кочи државата на патот кон ЕУ.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Одложеното дејствo на уставните измени не е кршење на преговарачката рамка, туку напротив ќе се гарантира дека ќе нема дополнителни уставни и идентитетски отстапки“, истакна Кочоска.

„Првиот предлог е формирање на преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ.

Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата“, потсети таа, обвинувајќи ги премиерот Ковачевски и власта дека „наместо разум, нудат лаги“.

„Ковачевски против Ковачевски. Ковачески рекол, Ковачевски порекол. Прво кажа дека лидерската средба е неуспешна, дека нема отстапки, потоа лаже дека има одговор и лаже дека уставните измени се прифатени. Згора на тоа формирал и работни групи.

Очигледно Ковачевски ќе направи сѐ за да ги спаси ДУИ да оди во опозиција“, обвини Кочоска.

Според неа, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а власта без одложување треба да одговори кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за Ковачевски, но овој пат, како што посочи, без лаги и спинови.

- Реклама -