ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави до власта за пожарот во Кочани

Правната служба на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави до власта поради непостапување и ненавремено спречување на пожарот во Кочани, соопшти денеска портпаролот на партијата – Димче Арсовски. Тој побара одговорност и итни оставки за надлежните функционери, почнувајќи од директорот на Центарот за управување со кризи – Стојанче Ангелов, па до премиерот Зоран Заев.

„Како што вчера рековме, ќе помагаме на граѓаните колку можеме во рамките на човечките капацитети кои што ги поседуваме. А, денеска наместо одговори од власта ќе бараме одговорност. И затоа сме тука баш на лице место да се види оваа страотна апокалиптична состојба која што ги стрефи вчера граѓаните на Кочани. И тоа само заради една единствена работа, а тоа е заради неспособноста, некоординираноста на власта и нефункционалноста на институциите.

Денеска сме тука да побараме одговорност затоа што вчера, наместо да се стиши оваа огнена стихија тука од страна на надлежните на власта, Стојанче Ангелов и сите останати кои што треба да бидат во тој кризен штаб си беа по прослави. Стојан Ангелов си глумеше селебрити и се сликаше со пејачи и со други лица од естрадата, наместо да биде тука со граѓаните“, обвини Арсовски.

Тој потенцираше дека опозицијата бара одговорност за нeсервисираните авиони, односно Канадерите за гаснење пожари, иако сервисот, како што рече, чинел само 400.000 евра, а власта и Заев ја задолжиле Македонија и за само една година потрошија 1.5 милијарда евра.

„Не најдоа ниту време ниту пари да ги сервисираат, за да не ни се случи ова кое што ни се случи вчера, за што сведочи оваа глетка каде што сѐ уште има чад од оние дрва кои што изгореа. Како што гледате, пожарот стигна дури и до куќите и за жал има неколку куќи изгорено. И за жал, неколку лица од огнот завршија во болница со изгореници, како што можевме да видиме низ медиумите.

Бараме одговорност за тоа што немаше хеликоптери вчера да го гасат пожарот. Не летале нашите хеликоптери ноќе… Срамота, а 21 век, држава Република Македонија, власт. Немало хеликоптери за граѓаните да им се помогне, а имаше хеликоптери кога требаше да се возат Венко Филипче и Зоран Заев на нивни приватни забави и настани“, додаде Арсовски.

Тој сумираше дека ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за сѐ што власта требало, а не направила вчера, како и поради неподготвеноста и тоа што сѐ ја изненадува, вклучително и, како што рече, пожарот на +50 степени Целзиусови во Кочани.

Арсовски, истовремено, апелираше до надлежните и до граѓаните дека и во другите градови има сериозни пожари и дека треба навреме да се превенираат, за да не се случи повторно она што се случи во Кочани.

- Реклама -