ВМРО-ДПМНЕ: Кастриот Реџепи и Талат Џафери покажуваат крајно непочитување на државата

„Претседателот на Комисијата за култура – Кастриот Реџепи, и Претседателот на Собранието – Талат Џафери, по којзнае кој пат покажуваат крајно непочитување на државата Република Македонија и на сите оние кои дале свој придонес во нејзиното создавање, градење и афирмирање низ вековите“, обвини пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што во годината кога се одбележува 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, Програмата за одбележување на јубилејни годишнини не е ставена на дневен ред на Собранието.

„Имено, согласно Одлуката за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија, значајните настани и истакнати личности што ќе се одбележуваат секоја година се утврдуваат со Програма за одбележување на годишнини на значајни настани и истакнати личности.

Но за жал, од 2018 година оваа Одлука не се почитува и Собранието на Република Македонија не ја објавува Програмата. Програмата за одбележување на јубилејни годишнини никогаш не се ставила на дневен ред на пленарна седница на Собранието. Ова е срамно, неодговорно и антидржавно однесување.

Оваа година, кога се прославува една од најголемите јубилејни годишнини за државата и македонската нација – 150-годишнината од раѓањето на македонскиот идеолог Ѓорѓи Делчев, Комисијата за култура, чиј претседател е Кастриот Реџепи, воопшто не ја ни започна постапката, која по правило својата работа треба да ја заврши најдоцна до крајот на годината за Програмата за наредната година. Институциите воопшто не добија допис од Собранието да ги испратат своите предлози за јубилејни годишнини“, образложи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ – Даниела Христова.

Според пратениците на опозицијата, оправдувањата на престедателот на Реџепи – дека причината за несвикувањето на Комисијата е минатогодишниот есенски изборен процес, се нелогични, бидејќи, како што велат, не станува збор за Закон или друг вид на пропис, туку за Програма која не е поврзана со никакви изборни процеси. Доколку имаше искрена желба и одговорност, Комисијата слободно можеше да се свика и процедурата можеше да започне од септември, тврдат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Според нив, важно е и што паралелно се бара да биде повлечена од нив предложената Декларација за одебележување на јубилејот на Гоце Делчев, со која, велат, се бара почитување на Одлуката за одбележување на јубилејни годишнини, односно се определеуваат и задолжуваат институциите соодветно да го одбележат овој значаен јубилеј. Таквата стратегија диригирана од СДСМ/ДУИ, сметаат тие, е уште една потврда за обид на бришење на македонската институционална меморија преку намерно девалвирање на значењето на личностите и настаните кои претставуваат есенцијален дел од македонската колективна меморија и се носители на македонскиот национален идентитет.

„Оттука, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара одговор од власта и владејачкото мнозинство на прашањето, дали има интенција овие личности понатаму да бидат избришани и од учебниците, од институциите, па и од архивите на државата?

Ова што го говорам денес на оваа прес конференција се потврдува преку повеќе примери и тоа:

• недоделувањето на Државните награди „23 Октомври“ и „Гоце Делчев“,
• необјавувањето на Програмата за јубилејни годишнини и за минатата година кога се одбележуваа јубилеите како 100 г. од раѓањето на Блаже Конески,
• 150 години од раѓањето на Дамјан Груев,
• 30 години државност на Републиката/30 години повеќепартиско Собрание, и уште многу други јубилеи“, истакна Христова.

„Благодарение на погубната политика на партнерите СДСМ и ДУИ, Република Македонија е целосно на колена, уништена, разорена и видоизменета до степен на непрепознатливост“, додаде таа, повикувајќи ги граѓаните на предвремени избори да ѝ стават крај на оваа власт која, според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, „со забрзано темпо и безмилосно уништува сѐ што е македонско“ и „чија единствена цел е уништување на македонскиот идентитет и македонските национални вредности“.

- Реклама -