„СДСМ освен со манипулации започна да се служи и со халуцинации“, обвинува советничка група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје, откако вчера на официјалниот (не на приватниот) Фејсбук профил на скопскиот градоначалник Петре Шилегов осамна објава дека четврта година по ред градските служби го дочекуваат првиот снег во Скопје целосно подготвени… која по обилниот сеир и критики од граѓаните, беше избришана.
Снег, меѓутоа, во главниот град немаше, и сѐ уште нема. Тоа го посочуваат и од советничка група на ВМРО-ДПМНЕ:
„Поминаа повеќе од 20 часа од спектакуларната објава на Шилегов за снежно Скопје. Но по 20-тина часа сѐ уште ниту трага од снег, ниту една снегулка има во Скопје.
Очигледно е дека статусот градоначалникот Шилегов го пишувал од својата раскошна хациенда во Маврово. Но она што е очигледно дека Шилегов ќе потроши над 100 илјади евра за чистење на снег кој што го нема во Скопје. Толку за жал ќе чини годишниот тендер. Додека граѓаните немаат пари за леб, Шилегов ќе троши народни пари за непостоечки снег во Скопје. Шилегов освен што уништува и создава хаос низ Скопје, тој преку тендери си го полни својот џеб на сметка на граѓаните“, обвинуваат тие.
Слични обвинувања од опозицијата за Шилегов, додуша, имаше и за ланскиот тендер во вредност од близу 1 милион евра, со приватната фирма „Аполо инженеринг“. Скопскиот градоначалник тогаш одговори дека Град Скопје е должен да има (подготвена) зимска служба за одржување на улиците. „Јас би бил нобеловец ако во јуни оваа година знам каков снег ќе имаме во 2021 година“, изјави Шилегов, додавајќи дека ваквиот тип на договори не се негова измислица и се практикувале и пред неговиот мандат.
Во однос на тие обвинувања тогаш се огласи и Државната комисија за спречување на корупцијата (ака. Антикорупциска), која најави дека по допрен глас ќе го истражи случајот и ќе ги прегледа документите за јавната набавка, врз основа на што ќе одлучи дали ќе отвори предмет за Шилегов за договорот за чистење снег. Таква одлука немаше.