ВМРО-ДПМНЕ има план во случај на манипулација со техниката на седницата за уставни измени, вели Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Битола изјави дека не очекува дискусијата за уставните измени во собраниската Комисија за уставни прашања да трае десетина дена, туку очекува и има „чувство“ дека денеска ќе заврши.

„Четириесет и четири пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се јасни и прецизни во својот став. Вчера имавме координација, без ниту еден збор никој да каже, јасно беше дека зборуваме сите на глас, а тоа е дека уставни измени под бугарски дикатат нема да има“, порача од Битола Мицкоски, кој заедно со градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски извршија увид во градежните активности на паркингот на Спортската сала „Боро Чурлевски“.

Прашан дали постои можност за „манипулација“ на пленарната седница, не во однос на пратениците, туку во однос на техниката, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека и за тоа имаат стратегија, иако очекуваат, како што рече, веднаш ако имаат 80 пратеници, да ја ставаат точката на дневен ред.

Прочитајте и:  Мицкоски: За македонската економија оваа зима има два предизвика

„Ги повикувам веднаш, да заврши Уставната комисија, уште утре да закажат собраниска седница и да видиме дали имаат 80 пратеници или не. Ако не закажат тогаш е јасно дека немаат, ако немаат јас не гледам друга политика која оваа Влада би ја оправдала во нејзиното постоење и треба час поскоро да го распуштиме Парламентот и да одиме на парламентарни избори“, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, во Уставната комисија има 17 пратеници, а за да се најде точката на дневен ред на пленарна седница потребно е да има мнозинство во оваа комисија.

„Ние ќе се се држиме до нашата македонска агенда и ќе ги штитиме македонските национални интереси“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: МИА

- Реклама -