ВМРО-ДПМНЕ формираше Патриотски институт на чело со Александар Пандов

Александар Пандов ќе биде претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ. Ова тело е воведено согласно новиот демократски  статут на партијата кој неодамна стапи во сила. Одлуката Пандов да го предводи Патриотскиот институт беше донесена доцна синоќа, на седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што велат од партијата, Пандов е нивен долгогодишен член и поранешен вршител на повеќе партиски функции.

На седницата на Извршниот комитет вчера се разгледувала и политичката состојба во државата и биле донесени повеќе одлуки во однос на делувањето на партијата, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, извршниот комитет изразил загриженост за „историски најлошиот пад на БДП од речиси 13 проценти“, како и од „негативните трендови во економијата кои покажуваат дека Заев ја втурна земјава во рецесија“.

Притоа, Извршниот комитет ја потврдил одлуката за протестен собир поради поскапувањето на цената на струјата и осиромашувањето на граѓаните.

„Заев и неговата мафија на власт донесе за граѓаните живот на вересија во исто време кога власта се богати на грбот на народот. ВМРО-ДПМНЕ бара враќање на старата пониска цена на струја и преиспитување на работењето на Регулаторната комисија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Ковачки: Зар Ахмети мисли дека некој ќе му дозволи да си игра со стабилноста на Македонија, тоа е надвор од разумот

Извршниот комитет вчера донел и други кадровски одлуки кои се дел од процесот на кадровско доекипирање и, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, „катарза“ најавена од претседателот на партијата – Христијан Мицкоски. Покрај именувањето на Александар Пандов, ИК именувал и ги потврдил мандатите на 14 нови претседатели на Општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа:

ОК Конче Ацо Митов
ОК Валандово Дејан Бошков
ОК Демир Капија Александар Галапчев
ОК Росоман Тихомир Николов
ОК Могила Драган Саботковски
ОК Кривогаштани Виктор Деспотовски
ОК Долнени Дејан Змејкоски
ОК Демир Хисар Никола Најдовски
ОК Охрид Сашо Донев
ОК Дебарца Саше Силјановски
ОК Вевчани Ѓорѓи Влајкиноски
ОК Пласница Луме Адемоглу
ОК Јегуновце Димитар Костадиновски
ОК Тетово Ангел Карапетров

Беа именувани и нови членови на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Кадровските освежувања продолжуваат и во периодот што следи, додаваат од партијата.

- Реклама -