Бугарија има заедничко историско и културно наследство со Република Северна Македонија и тоа е патот на иднината, заклучи бугарската ВМРО-БНД (Бугарско национално движење) на Осмиот партиски конгрес што се одржа во Софија.
Како што пренесе бугарската новинска агенција БТА, во декларацијата од конгресот се наведени 14 приоритети „чиј гарант е ВМРО-БНД“, а меѓу нив се безбедноста, образованието, здравството и пристапот до културата за сите Бугари; енергетска независност преку изградба на нови капацитети (вклучувајќи нуклеарни); функционална економија и правични правила за бизнисот; уставни измени кои гарантираат зголемени претседателски овластувања, мајоризација и директна консултација со народот; забрана за гласање за неписмени и непочитување на обврските кон државата; немешањето на невладините организации финансирани од странство во политичките, верските и образовните работи на нашата земја и друго.
Последната точка (точка 14), притоа, целосно се однесува на бугарската политика кон Македонија:
„Интеграцијата на РСМ оди преку признавање на историската вистина, бугарските корени на денешното население и заштитата на неговите права“, стои во неа.
Во истата, точка, ВМРО-БНД повикува и Бугарија и Македонија да воспостават федерација:
„ВМРО-БНД ги повикува владите и политичките организации во Бугарија и во РСМ да воспостават федерација меѓу двете земји врз основа на нашето заедничко културно и историско наследство и нашите заеднички геополитички интереси“, се наведува во точка 14.