Влезниците за Гластонбери 2025 распродадени за помалку од 40 минути


Влезниците за фестивалот на современи изведувачки уметности во Гластонбери 2025 година се распродадени за помалку од 40 минути, објавија организаторите.

Билетите беа пуштени во продажба во 9 часот претпладне во неделата, а во 9 часот и 35 минути, како што најавија организаторите, сите беа продадени. Цената изнесуваше 373,50 фунти.

Веднаш потоа, на X се појави известување: „Билетите за Гластонбери 2025 се распродадени“.

„Им благодариме на сите што ги купивте и жалиме за оние кои не можеа да го сторат тоа утрово кога побарувачката беше многу поголема од понудата. Пролетта 2025 година ќе имаме препродажба на сите откажани или вратени билети“, соопштија организаторите.

Овој музичко-драмски фестивал се одржува од седумдесеттите години на минатиот век во близина на селото Пилтон во англиската грофовија Сомерсет, а негов иницијатор бил локалниот фармер Мајкл Евис, кој во 1970 година заедно со неколку пријатели го организирал првиот концерт наречен „Pilton Festival“. Следниот концерт се одржал следната година, во 1971 година како „Glastonbury Fayre“.

Оттогаш, фестивалот главно се одржува секоја година, а за неговата популарност придонесе неговата локација во близина на Гластонбери, која е поврзана со легендите за кралот Артур и привлекува многу приврзаници на новото време. Со текот на времето, фестивалот стана еден од најмасовните културни настани, каде просечно се собираат 150.000 луѓе секоја година. Настапуваат најголемите имиња на британската поп и рок музика.

Фестивалот традиционално се одржува на отворено, така што самиот настан секоја година е значително под влијание на временските услови. Организацијата на концертот секоја година се соочува со бројни логистички и безбедносни барања, но поголем дел од персоналот работи бесплатно, а голем дел од приходите од влезниците оди во хуманитарни цели.

- Реклама -