На денешната, 67-ма седница на Владата, беа прифатени препораките на Комисијата за заразни болести за олеснување на рестрикциите за спречување на ширење на коронавирусот.
Со денес прифатените измени и дополнувања, од утре – 28 април (среда), полицискиот час, односно забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на целата територија на државата, наместо од 20:00 часот, ќе важи од 21:00 до 5:00 наредниот ден.
Како што потенцираат од Владата, исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај – односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај – за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.
Измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето на КОВИД-19, има и во делот на работата на угостителските објекти; Почнувајќи од 28 април (среда), сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти, и тоа до 20:30 часот, после што треба да бидат затворени за посетители.
Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите. Во меѓувреме, забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично – останува. Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега, информираат од Владата.
Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, останува и забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор. Истите ќе можат дејноста да ја обавуваат на отворен простор, согласно соодветниот наменски протокол.
Новите мерки важат до 15 мај.