Владата, преку COVAX механизмот, ќе набави околу 830 илјади вакцини за ковид-19 за 8.8 милиони долари

Владата планира да набави количина на вакцини која би покрила 20% од населението. Бидејќи станува збор за две дози, бројката би била околу 830 илјади вакцини, дознава „Гласот на Америка“, откако вчера Владата го усвои текстот на Обврзувачкиот договор за набавка на вакцините.

Како што информираа од владината прес-служба, на вчерашната 11-та седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за склучување на Договор за преземени обврски помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.

Притоа, Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да го потпише Договорот и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор.

Според информациите на „Гласот на Америка“, вакцините ќе ја чинат Владата 8.8 милиони американски долари.

Инаку, како што е истакнато и на официјалната веб страна, клучниот партнер на GAVI алијансата е Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, која во 1999 година одвоила 750 милиони американски долари за нејзиното основање. Во меѓувреме, Фондацијата финансиски има учествувано со повеќе од 4 милијарди американски долари во GAVI. Како што се вели на веб страната, откритието на Бил и Мелинда Гејтс, во доцните ’90-ти, дека ротавирусот убива половина милион деца секоја година, било една од причините за основање на нивната фондација во 1994 година и префрлање на фокусот кон вакцините. Покрај фондацијата на Гејтс, основачки партнери на GAVI се и СЗО, УНИЦЕФ и Светска банка.

 

- Реклама -