Владата не се реши за задолжителна вакцинација, ама размислува за економски стимулации и рестрикции на администрацијата

Скопје, 25 ноември 2021 (МИА) – Владата на денешната редовна 121 седница темелно и сеопфатно ги разгледа предложените мерки и препораки на Комисијата за заразни болести за интензивирање на КОВИД-19 вакцинацијата и за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани во Северна Македонија, информираат од Владата.

„Тргнувајќи од неприкосновениот факт дека масовната вакцинација е најефикасен одговор за заштита од последиците и за спречување на ширењето на пандемијата со КОВИД-19, Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик на масовната вакцинација“, нагласуваат од Владата.

Во очекување на дополнителните анализи, Владата ги задолжи ресорните министерства и инспекциски служби да ги вложат сите капацитети и да ги зајакнат примената и контролата на спроведувањето на сите активни мерки за заштита од КОВИД-19, а особено на системот на проверка на сертификатите за вакцинација, ПЦР тестовите и потврдите за прележана инфекција со КОВИД-19 низ ригорозна проверка на идентитетот на лицата кои ги прикажуваат овие документи за пристап во објектите каде што е тоа задолжително.

Прочитајте и:  Мицкоски: Оваа Влада не ги дели граѓаните по етничка основа, не мериме Македонци или Албанци со кантар

„Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација“, се вели во соопштението на Владата.

Владата ќе ги разгледа и употреби сите реални можности за економски стимулации, но и за рестрикции по однос на финансиски бонуси и друг тип на надохнади кои се надвор од основиците, со цел да ги мотивира и упати граѓаните кон единствената и најефективна мерка за заштита на здравјето и за спас на сопствениот живот од опасната пандемска болест КОВИД-19.

- Реклама -