Владата го разреши Бучковски од должноста специјален претставник во спорот со Бугарија

Владата на денешната седница го разреши Владо Бучковски од позицијата Специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, информираа за МИА владини извори.

Од Владата му заблагодарија на Бучковски за сите ангажмани и напори со кои, како што велат, придонел кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу двете земји „во време на предизвици кои подразбираа потреба од мудар, трпелив и посветен однос кон барањето решенија“.

„Се очекува, согласно разговорите меѓу премиерите на двете држави и меѓу мандатарот за премиер Ковачевски и премиерот на Бугарија Петков, двајцата нови премиери согласно заеднички утврдена методологија да ги утврдат начините, ресурсите и чекорите кон конечно решавање на отворените прашања, потпирајќи се на условите и успесите постигнати од сите чинители во досегашните процеси“, посочија од Владата.

Во изјава за МИА, Бучковски истакна дека му било чест што изминативе 13 месеци бил специјален претставник на Владата за односите со Бугарија.

„Бев именуван две недели по блокадата на Бугарија, во исклучително сложени околности. Беше нарушена меѓусебната доверба и преовладуваше говорот на омраза. И во вакви неповолни околности, дадов сѐ од себе да не замре дијалогот и да не дојде до натамошна негативна ескалација во односите на двете држави. Еден мој пријател од Софија, често ми велеше ‘ти си тука чуварот на огнот, не дозволуваш да се угаси… огнот кој ја подгрева надежта дека Бугарија и Северна Македонија можат и ќе бидат, час поскоро, вистински пријатели и сојузници’ “, изјави Бучковски за МИА.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Тој изрази надеж дека со неговиот ангажман дал и свој придонес кој ќе биде од значење при скорешното продолжување на дијалогот помеѓу двете влади и двајцата нови премиери, кој, како што вели, ќе се води со нова позитивна енергија и нова преговарачка методологија.

„На крајот изразувам голема благодарност до премиерот Заев за укажаната доверба, благодарност до министерот Османи за успешната соработка и до генералниот секретар на Владата Зекири за беспрекорната логистичка поддршка“, додаде Бучковски.

Извор: МИА

- Реклама -