Полицискиот час од 22 часот секој ден, продолжува и во следниот период. Мерката ќе биде на сила (најмалку) до 6 април, информираат од Владата.
„Владата на Република Северна Македонија на денешната 56-та седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе одлука да биде продолжена актуелната мерка за забрана и посебен режим на движење на граѓаните на целата територија на државата во временскиот период од 22:00 часот до 05:00 часот, почнувајќи од денеска, односно од 23 март до 6 април“, се вели во соопштението.
Претходно министерот за здравство Венко Филипче, како и претседателот на Комисијата за заразни болести – Жарко Караџовски, истакнаа дека воопшто не размислуваат за олабавување на мерките, туку за потенцијално воведување нови, за што ќе одлучат на почетокот на неделава, зависно од епидемиолошката состојба и оптоварувањето на болниците во државава. Како што појасни Филипче, евентуалните нови мерки би вклучувале скратување на работното време на угостителските објекти и зголемено времетраење, односно поран почеток на полицискиот час.