Владата го назначи поранешниот премиер и министер, но и некогашен лидер на СДСМ – Владо Бучковски, за специјален претставник на македонската Влада за Бугарија, објавија медиумите.
Одлуката токму тој да биде претставникот е донесена на владината седница која во моментот е во тек. Сепак, од Владата, за „Телма“, ја потврдиле информацијата.
Бучковски е универзитетски професор по Римско право, а во моментот е ангажиран на докторските студии на бугарскиот државен универзитет „Уни БИТ“. Исто така, дел е од мрежата „Jus Romanum“ на Софискиот универзитет .
Бучковски беше еден од оние што застанаа во одбрана на премиерот Зоран Заев по неговото несмасно (во најмала рака) интервју за бугарската БГНЕС. Според Бучковски, Заев од петни жили се бори за европската иднина на државата. Во однос на спорот со Бугарија, Бучковски е на ставот дека треба да ѝ се даде поголема шанса на заедничката комисија за историски прашања да ги реши отворените спорови.