Владата ги потврди и прати до Собранието, измените на Законот за рестриктивни мерки со кои се прошируваат целите на законот, и се додава и „борба против корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани врз државата“, се проширува основот со додавање на правните акти на САД и Обединетото Кралство и се прошируваат инструментите со две привремени мерки за обезбедување – забрана за кандидирање и вршење на јавна функција и учество во јавни набавки за правни лица.
Законот за рестриктивни мерки, како што појасни денес на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи, е под надлежност на МНР и има за цел дефинирање на начините за воведување, изменување и престанување на рестриктивните мерки.
Преку овој закон, како што рече Османи, Владата успеала да постигне стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, меѓутоа постојното законско решение било ограничено во неколку работи.
– Со измените на Законот, што денес ги потврдивме на Влада прво го прошируваме основот. Не се само резолуциите на Советот за безбедност и правните акти на ЕУ, туку и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство се основа за воведување на рестриктивни мерки од страна на Владата и по однос на корупција, злоупотреба на службена должност, како и хибридни закани, изјави Османи.
Со измените, се дополнува и палетата на рестриктивни мерки, кои се предвидуваат со постојното законско решение.
– Од претходните забрана за влез, ембарго, финансиски мерки, додаваме и две привремени мерки за обезбедување, нагласи Османи.
Во однос на дилемите дали Владата може да воведе рестриктивни мерки пред носење на правосилна судска одлука, Османи нагласи дека целото усогласување е направено со Министерството за правда и Секретаријатот за законодавство.
– По добиената информација дека има правен акт од САД, Обединетото Кралство, ЕУ, предлагачот, тоа е МНР, Јавното обвинителство и другите агенции за национална безбедност и финансиски истраги имаат можност да предлагаат до Владата донесување на рестриктивни мерки. По носење на рестриктивните мерки Владата иницира задолжително до ЈО, односно го задолжува предлагачот да ги собере сите информации и факти коишто може да ги обезбеди и достави до ЈО, кое е должно веднаш да отвори процедура согласно Законот за кривична постапка, изјави Османи.
Согласно овој Закон, нагласи Османи, јавниот обвинител е должен до Судот да бара веднаш привремени мерки за обезбедување.
– Судот може да донесе таква одлука на барање на ЈО, доколку се исполнети условите за тоа, односно има подигнато обвинение, прифатено е обвинението и на барање на јавниот обвинител да се активираат овие два механизми Судот може или не да донесе привремена мерка се до правосилна судска одлука. Едно е забрана за кандидирање и вршење на јавна функција и второ, доколку се работи за правни субјекти се забранува и учество на постапки во кои се вклучени јавни пари, како што се јавни набавки, концесии, јавно приватно партнерство и сите аспекти во кои се вклучени јавните фондови, изјави Османи.
Дополнително, посочи Османи, ќе биде потребно и адаптирање на други закони согласно сите аспекти што ги регулира овој закон. Според Османи, по кратка постапка, ќе треба да бидат адаптирани и Законот за кривична постапка и Законот за јавни набавки.
Во однос на писмото од Министерството за правда со кое се забележуваше на одредени спротивставености со Уставот и европските конвенции на човекови права, Османи рече дека тоа се однесувало на првиот драфт на МНР доставен на мислење и дека оттогаш законот претрпел неколку измени пред да биде испратен во Собрание.
– Тука се земени предвид сите забелешки од Министерството за правда со цел да се обезбеди начинот на кој функционира нашиот правен систем. Оттука и мислењето на Правда денес беше позитивно и на сите останати институции и затоа истиот текст на законот повторно се враќа во Собрание, појасни Османи. а