Владата ги донесе новите мерки: Утре без полициски час, а од четврток ќе почнува од 24 часот

На денешната 69-та седница, Владата ги усвои најновите мерки предложени од Комисијата за заразни болести (КЗБ).

Согласно новите измени и дополнувања забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на територија на Република Северна Македонија, наместо како до сега, полицискиот час ќе започнува во 24:00 часот и ќе трае до 4:00 часот наутро. Оваа мерка стапува на сила веќе  од 13 мај (четврток) 2021 година, а ќе важи до 18 мај. За потсетување, како што беше најавено и одлучено пред празниците, утре (среда) нема да има полициски час, поради празникот Рамазан Бајрам.

Почнувајќи од 12 мај 2021 година (среда) до 18 мај 2021 година (вторник), угостителските објекти ќе можат да работат до 23:30 часот, а за време на дозволеното работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект.

Исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти.

Од 12 мај престанува да важи и мерката за забрана за посетители – гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, во затворен простор, како и во игротеките, но работата во овие објекти задолжително треба да се одвива според протоколите за работа.

Владата денеска ја прифати и препораката на КЗБ во установите за згрижување и воспитание на деца да се зголеми бројот на згрижени деца во воспитните групи до две годишна возраст – најмногу до 15 деца, а во воспитните групи од 2-6 годишна возраст – најмногу до 20 деца.

Со одлука на Владата од денешната седница престанува да важи и наредената мерка со која се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, односно се дозволува нивно користење, согласно планот на раководителот на институцијата, без да се наруши нормалното и тековно функционирање на системот на работа во здравствените установи.

Како дел од овие мерки е и одлуката дека сите настани и други слични јавни активности (културни, научни и забавни) може да продолжат да се одржуваат согласно наменските протоколи до 30% исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50% исполнетост на отворените простори. Спортските настани и понатаму се организираат без физичко на присуство на публика.

- Реклама -