Владата едногласно го разреши Пауновски поради „непрофесионално однесување“

Неколкудневните најави на премиерот Зоран Заев за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски и официјално се остварија. Иако премиерот не ја исклучи можноста инспекторите кои застанаа во одбрана на Пауновски – да го премислат, на денешната владина седница е донесена одлука за негово разрешување. Како што велат од Владата, причина е „непрофесионалното однесување“ на досегашниот директор на пазарната инспекција.

„Согласно член 10, став 1 од Законот за Државен пазарен инспекторат (ДПИ) според кој Владата го именува и разрешува директорот на ДПИ, на денешната седница Владата го разреши Стојко Пауновски од функцијата директор на ДПИ, поради неговото непрофесионално однесување.

Оваа консензуално донесена одлука е донесена според Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата и според законот за Државен пазарен инспекторат“, соопштија од Владата.

„Имавме денеска средба со тројца вработени во Државниот пазарен инспекторат и во делот на човечки ресурси и во делот на инспекторите во државата. Присутни беа застапници и на Македонците и на Албанците. Добри се луѓето, работат. Се видовме, поразговаравме, ги кажаа своите аргументации, имаа пофални зборови за својот директор Стојко Пауновски. Ги кажаа аргументациите кои тие мислат дека се важни да ги споделат со мене како претседател на Влада и со потпретседателот Љупчо Николовски. Ги ислушавме, разговаравме и денеска нивните аргументи ќе ги презентираме на владина седница, а потоа Владата ќе донесе одлука“, изјави денеска Заев, непосредно пред владината седница, а по средбата со инспекторите, кои меѓу другото му ја врачија и петицијата за поддршка на Пауновски.

Прочитајте и:  Владата го усвои Предлог-буџетот за 2025 година

Премиерот додаде дека детално ќе ги прочита материјалите што му ги доставиле претставниците од ДПИ, затоа што, како што рече, тие ќе влијаат на оформувањето на неговиот став. Сепак, Заев потенцираше дека не тој, а Владата е таа што одлучува.

Пауновски беше разрешен затоа што не прифати наместо инспектори да вработи 35 административци од оние кои земаа плата, а не одеа на работа. Според премиерот Заев и вицепремиерите Николовски и Груби, Пауновски не го почитувал законот, а непочитувајќи ја хиерархијата, го прекршил и Етичкиот кодекс. Според Заев, Пауновски одбивал да контактира и не се обидел да најде решение.

 

- Реклама -