И Владата е против етничка припадност во личните карти, ставот на Заев бил политички

На 9 февруари годинава, со мислењето бр. 44.5-12736/1-20, Владата на РСМ дала негативно мислење, односно му предложила на Собранието да не го донесе предлог законот за лични карти, според кои во нив ќе биде впишана и етничката припадност, објави „МКД.мк“.

Во мислењето, се вели дека во Македонија не е предвидена постапка за утврдување на националноста, односно етничката припадност на граѓаните, пред сѐ заради фактот дека станува збор за лично чувство за припадност на одредена заедница на граѓанинот. Се посочува и дека нема посебна евиденција која е во надлежност на одредена институција од каде би можело да се добие наведениот податок.

„Ова особено треба да се има предвид во корелација со фактот дека личната карта, согласно Законот за личната карта, за првпат задолжително се издава на 18-годишна возраст и нема претходен документ или евиденција во која е содржан податокот за националност. Личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството и адресата на живеење“, образложува Владата.

Понатаму во мислењето, стои:

„Изјаснувањето за етничката национална припадност е лично право и определба на индивидуата и истото не би требало да се истакнува во јавна исправа како што е личната карта, од причина што на индивидуата како субјект никој не може да ѝ забрани да се изјасни по етничка или национална припадност каде или кога било.

Компаративната анализа покажува дека во регионот не е познат ваков пример, а како земји ги посочуваме сите држави од поранешна Југославија меѓу кои и земји членки на ЕУ и други европски држави како Германија и слично“, оценуваат од Владата, додавајќи дека освен тоа дека етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност, не бил даден ниту еден дополнителен аргумент во прилог на барањето за ваква измена во Законот.

Сепак, како што посочува „МКД.мк“, и покрај ваквото мислење донесено на Владината седница, веднаш потоа  координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата – Јован Митрески, изјави дека владејачкото мнозинство ќе го поддржи предлогот на Беса.

Во меѓувреме, и премиерот Зоран Заев во повеќе наврати истакна дека го поддржува предлогот, па дури и го претстави како придобивка од нашето мултиетничко општество:

„Дефинитивно треба да се поддржат вакви работи бидејќи сме мултиетничка држава. Јас знам дека има дебати и следам дека тоа може да предизвика одредена дискриминација или не. Ние никогаш не сме се криеле, ниту некој од својот идентитет се срамел, напротив, сме се гоордееле и како мултиетничко општество сите се гордееме со етничката разноликост по која сме препознатливи и сме пример за соживот и можат многу развиени земји да учат од нас“, изјави вчера премиерот, повикувајќи ја и опозоцијата да го продолжи предлогот.

Денеска, на прашање од „Канал 5“ на што се должи разликата во ставовите на Владата наспроти ставот на премиерот, од Владата појаснуваат дека Заев изнел политички став и тој не треба да се поврзува со она што е наведено во мислењето. Разврската на процесот, сепак, ќе зависи од Собранието, додаваат од „Илинденска“.

Денеска и претседателот Стево Пендаровски, во интервју за „МКД.мк“, изјави дека тој лично е против тоа етничката припадност да биде впишана во личната карта.

- Реклама -