Влада: Премиерот Заев е на одмор до 12 август, но е во постојана координација со министерствата и институциите

Премиерот Зоран Заев користи денови од годишниот одмор до 12 август, но е во постојана телефонска и интернет координација со сите ресорни министерства и надлежни институции, велат од Владата, откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од плажа од премиерот и дел од министрите, во моменти кога државата со крајни сили се бори со огнените стихии.

Од Владата потврдуваат дека во периодот од 3 до 12 август дел од членовите на Владата ќе искористат денови од годишен одмор. Сепак, уверуваат дека Владата секојдневно ги извршува сите свои функции, а согласно состојбата со пожарите министрите секојдневно заседаваат и одржуваат седници преку онлајн видео конференциска врска и навремено и непречено ги носат сите потребни одлуки.

„Согласно меѓусебна координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно. Овие денови теренската координација е обезбедена од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство Арjанит Хоџа, министерот и заменик министерот за информатичко општество и администрација Шакири и Бајдевски, министерката и заменик министерот за образование Царовска и Шабани, заменик министерот за внатрешни работи Буши, заменичката министерка за животна средина Оџаклиеска, заменикот министер за труд и социјала Енвер Хусин, заменикот министер за здравство Илир Хасани, заменик министерот за правда Нухиу“, се вели во соопштението.

- Реклама -