Влада: НАТО штити, обединува и зацврстува (ФОТО/ВИДЕО)

Со денешната воздухопловна вежба на аеродромот во Петровец која вклучуваше НАТО авион Авакс, грчки ловци Ф-16 и државниот авион Лирџет, денеска беше одбележано вклучувањето на небото на Северна Македонија во системот за воздухопловно патролирање на Алијансата.

На настанот, кој практично покажа како се реализира НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над Северна Македонија, присуствуваа министри во Владата, пратеници во Собранието и претставници на воено-дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорката на САД, Кејт Брнз и грчкиот амбасадор Русос Кундурос.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска пред присутните порача дека на денешниот настан може во реалноста да се види што значи НАТО да заштитува, да обединува и да зацврстува.

„Тука на аеродромот во Петровец можевме да видиме како изгледа НАТО мисијата за воздушно патролирање на небото над Северна Македонија со што и нашиот воздушен простор целосно се приклучи во системот на НАТО воздушното патролирање и од денеска да можеме да кажеме дека безбедноста на нашето небо е дел од НАТО безбедноста“, рече Шекеринска.

Taa истакна дека Северна Македонија беше сигурен партнер на Алијансата, а сега е сигурен сојузник во НАТО на кој може да му се верува.

„Успеавме во најкус временски период да ја завршиме воената интеграција со НАТО и затоа продолжуваме и понатаму да го зголемуваме нашето одбранбено буџетирање, финансирањето на нашите одбранбени способности, но и да го зголемуваме нашиот придонес кон регионалната безбедност. Заедно сме посилни, тоа беше нашето мото, нашата мотивација да станеме членка на НАТО. Денеска можевме да видиме дека таа гаранција и тоа членство значи поголема безбедност и сигурност за сите наши граѓани како на земја, така и во воздух“, истакна министерката.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

Таа им се заблагодари на нашите грчки сојузници што покажале подготвеност со свои капацитети да го заштитуваат нашето небо. Тоа е приказ за тоа како треба да соработуваат две соседни, пријателски и сојузнички земји, оцени Шекеринска.

Командантот на Комбинираниот воздухопловен оперативен центар во Торехон, Шпанија, генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака, кој пристигна со авионот Авакс, истакна дека земјава треба да биде горда што соработува заедно со останатите земји во НАТО и ја унапредува регионалната стабилност и безбедност.

„Од 2020 година, кога Северна Македонија официјално пристапи во НАТО, бевте во можност да се прилагодите на НАТО, преку инкорпорирање на многу нови процедури, а сега ги постигнавте резултатите. Мора да се гордеете со вашата работа. Убеден сум дека ќе го одржувате истото ниво на успех во корист на сите земји“, рече генералот Де Ла Круз Каравака.

„НАТО воздухопловното патролирање е клучен дел од колективната одбрана, што служи како столб на Алијансата и овозможува ист стандард на обезбедување на небото на секоја од земјите – членки. Оваа мисија не се фокусира на една специфична закана, туку е една од основните алатки за зачувување на безбедноста на НАТО. Преку континуирано воздухопловно набљудување и патролирање, воздухоплови на НАТО во само неколку минути можат да одговорат на секаков вид на несигурност на небото на Алијансата. Годинава се одбележува 60-годишнина од почетокот на воздухопловното патролирање на НАТО над европското небо“, посочија од Владата.

- Реклама -