Вкупно 11 држави го тужат Бајден поради наредбата за вакцинација

Вашингтон, 5 ноември 2021 (МИА) – Единаесет американски држави поднесоа тужба против наредбата на американскиот претседател Џозеф Бајден, според која десетици милиони луѓе во компании со 100 или повеќе вработени мора да се вакцинираат против коронавирусот или да се тестираат еднаш неделно.

„Оваа наредба е неуставна, незаконска и не е мудра“, се наведува во судскиот поднесок на главниот обвинител на Мисури – Ерик Шмит, еден од неколкуте републиканци кои се борат за отворено место во Сенатот следната година.

Во неговата тужба, поднесена во Осмиот Окружен Апелациски суд на САД во Сент Луис, се тврди дека надлежноста за задолжителна вакцинација им припаѓа на државите, а не на федералната влада.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

Службата за заштита при работа вчера соопшти дека компаниите кои нема да го почитуваат новото правило за вакцинација се соочуваат со казна од речиси 14.000 долари по човек.

Наредбата се однесува на околу 84 милиони работници во средни и големи компании, а сè уште не се знае колку вработени се веќе вакцинирани.

На Мисури во тужбата му се приклучија државните обвинители од Алјаска, Аризона, Арканзас, Монтана, Небраска, Њу Хемпшир, Северна Дакота, Јужна Дакота и Вајоминг.

Канцеларијата на демократскиот јавен обвинител Том Милер, исто така, се приклучи кон тужбата, заедно со неколку приватни, непрофитни и религиозни работодавци. ј

- Реклама -