„Процесот на уставни измени ќе започне пред летото, очекуваме да биде успешен. А изборите ќе бидат во редовен термин, средина на наредната година. Важно да се држиме на обврските од нашиот европски пат и членството во ЕУ“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Во одговор на новинарско прашање пред конференцијата „Граѓанските организации – катализатори на европската интеграција на Северна Македонија“ во организација на Секретаријатот за европски прашања, Маричиќ истакна дека е при крај постапката за формирање на работната група за уставните измени, дека има добар одѕив од оние што ги поканиле за разговор и учество, за што очекува наскоро да соопшти Министерството за правда.
„Очекувам да се објави во наредните денови таа група и вендаш да започнеме со формулација на уставните амандмани. Во Собранието, сега како што е, има една атмосфера во која што опозицијата сака да ја избегне темата за уставни измени. Јас мислам дека тоа не му оди во прилог никому, напротив мислам дека треба што поскоро да ја отвориме таа дебата. Ние затоа ќе ги формулираме амандманите и ќе ги пуштиме во општествена дебата најпрво преку граѓанските организации, преку академските институции, за да дадеме простор да се разменат аргументите, да се разменат мислењата, да се влезе во суштината на уставните измени и да се создаде атмосфера во Собранието во која што ќе имаме една здрава разумска дебата, пред сѐ за тоа дали сакаме и колку бргу сакаме да бидеме во ЕУ, бидејќи тоа е вистинското прашање, а не е вистинското прашање Бугарија. Вистинското прашање е дали и колку бргу сакаме да стигнеме во ЕУ“, вели Маричиќ.
Тој смета дека има доволно време да се завршат уставните измени до ноември.
„Последниот пат кога се менуваше Уставот тоа траеше околу три, четири месеци. Мислам дека пред летото треба да започнеме. Дали ќе биде мај, дали ќе биде јуни, ќе видиме, но пред летото треба да започнеме за да го стигнеме рокот“, рече Маричиќ.
Тој потенцираше дека тие како власт имаат должност да продолжат со обидите да ја седнат опозицијата на маса за разговор, напомнувајќи дека се отворени за предлози.
„Мислам дека тоа е важно не само за сегашната Влада и сегашната опозиција, тоа е важно за процесот којшто трае долго и надминува мандат на која било Влада и состав на Собранието. Битно е ние да ги имаме сите клучни политички фактори на маса. Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште бега, не сака да разговара за ова прашање, а не можеме да избегаме од овие прашања. Дали ќе ги дискутираме сега, за шест месеци, за една година или за две години, тие прашања ќе бидат тука на маса. Искуството со спорот со Грција ни кажува дека одлагањето и игнорирањето на проблемите не прави проблемите да исчезнат. Напротив, ги прави поголеми и ги прави потешки за решавање после одредено време. Затоа ќе апелираме постојано и до водството на ВМРО – ДПМНЕ, но и до сите пратеници да се вклучат во овој процес“, порача Маричиќ.
Извор: МИА